Македонската публика и публиката од целиот регион на 5 јуни ќе има единствена прилика да присуствува на досега најголемото шоу во историјата на Република Македонија, прво од овој тип на арената „Филип Втори“, по примерот на сите светски метрополи.
Под франшизата Skopje Calling, со невидена светска продукција спектакуларно шоу ќе одржи една од најголемите глобални ѕвезди на денешницата, најголемиот хит мејкер на 21 век, неприкосновениот Дејвид Гета. На светската музичка сцена, Дејвид Гета важи за многу повеќе од диџеј и продуцент, статус што го заслужи уривајќи многу рекорди. Неговите соработки со Ријана, Мадона, Кели Роуланд, Естел, Сиа, Лејди Гага, Бритни Спирс, Ники Минаж и уште многу други, станаа светски хитови.
Пред Гета како специјален гостин ќе настапи Робин Шулц, еден од најактуелните диџеи во последниве неколку години и сигурно највртениот артист во последниве неколку месеци на сите светски радио станици. Тој во Скопје ќе изведе 90-минутен сет со најголемите денс хитови со кои ги освои светските топ листи, водечките фестивали и клубови ширум светот, како: „Prayer in C“, „Sun Goes Down“, „Sugar“, „Headlights“, „Show Me Love“, „Yellow“...
Skopje Calling 2016 ќе биде досега невидено продукциско шоу во Македонија. Стадионот ќе биде во функција со полн капацитет. Шоуто ќе започне со настап на локални диџеи, како и новата француска диџеј ѕвезда Kungs.
Бидејќи ова е прво промотивно издание на брендот Skopje Calling, Авалон продукција се одлучи за неверојатно популарни цени за овој шестчасовен музички спектакл.